Tuesday, March 21, 2017


Status #100 – 98/2: Дијалози (монолози) и дебати
Небојша Вилиќ

...А уште еден ден пред тоа беше отворена и изложбата, нејзиното четврто издание, Нераскажаните приказни на суперхероините.[3] Оваа година македонските жени уметници [ова „уметници“ не е плурална форма на новоскованиот збор „уметница“, туку само плурална форма на зборот „уметник“] се зафатиле со една тешка и жешка тема: „Улогата на жената во услови на криза“, средишната тема на осмите по ред „Вечери на женски права“ (сл. 3).
  
Прилично многу теми и настани во кои жените – зборуваат, раскажуваат, се исповедуваат, што за вагините, што за љубовниците, што за страдањата… монолози, монолози, монолози…
***
Нераскажаните приказни на суперхероините 4 е уште една изложба (поточно, серија на изложби) со која се покажува дека македонската уметничка сцена ја носат на плеќи – уметниците жени. Одамна сум го заклучил и рекол тоа. Ова не се должи само на нивната бројност, туку, пред сè, на темите кои женските уметници ги поставуваат како предмет на сопствените истражувачки пориви и преку кои ги искажуваат своите ставови. Своевидно, „улогата на жената во услови на криза“ и самиот ја третирав работејќи заедно со Климе Коробар на проектот „Куќата – Хаосот. Жената и обновениот дискурс за уништениот дом“, есента 2002, а како резултат на „југословенските војни“ 1991-95, косовската бегалска криза 1999 и воениот судир во Македонија 2001.[4] (Вилиќ, 2002а) После петнаесет години да се постави скоро истата тема, заради непроменетите состојби на Балканот, е скоро поразително.
Овој пат, македонските уметици жени отвораат сериозно многу прашања. Славица Јанешлиева, на пример, не ја третира само бегалската криза која пројде/помина низ Македонија, таа скоро да е и неважна (сл 4). Но, токму бегалството како потентност на секој од нас е во средиштето на вниманието. Еропа, таа толку посакувана (иако не и единствена) балканска дестинација, е метафорирана со сошивање на 11 килограми бомбони на фабриката „Европа“ од Скопје, е она слатко посакување да се избавиме од оваа сегашност и оваа тукашност, кое е проблематизирано со бодликавоста (боцкастоста) на сошиените 2 700 патенти за прикачување: „слаткоста“ на Европа, на миграцијата и на емиграцијата е нож со две острици, во кои мигрантот (преселувачот) и емигрантот (исселувачот) нема да го дочека мирниот сон, како да порачува Јанешлиева. Спиењето во боцкавата вреќа за спиење е можно, но колку?, како да прашува таа. Миграцијата (економска, културална, социјална) и емиграцијата (политичка) е состојба и појава која не се однесува само на „тие таму некаде“, туку дека е тековна состојба и кај нас.

https://www.facebook.com/notes/neboj%C5%A1a-vili%C4%87/status-100-982-%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BB%D0%BE%D0%B7%D0%B8-%D0%BC%D0%BE%D0%BD%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D0%B7%D0%B8-%D0%B8-%D0%B4%D0%B5%D0%B1%D0%B0%D1%82%D0%B8/10154644679538220

No comments:

Post a Comment